Како се покренува граѓанска иницијатива на локално ниво?

Граѓанската иницијатива е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето преку покренување на иницијативи пред Собранието на Република Македонија, пред советите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје. Граѓанската иницијатива може да се јави како граѓанска иницијатива на државно и на локално ниво.

На државно ниво може да се покрене за поднесување предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија,предлагање за донесување на закон и за распишување на референдум на државно ниво, додека граѓанската иницијатива на локално ниво може да се покрене и за донесување на одреден пропис на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, за решавање на одредени прашања од надлежност на советите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и распишување на референдум на локално ниво.

Граѓанската иницијатива на локално ниво се  покренува пред советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје. Таа се  се покренува на предлог на 100 граѓани. Предлогот за покренување граѓанска иницијатива на локално ниво се доставува до претседателот на советот. Предлогот треба да биде поднесен од овластен предлагач  (првиот потписник на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива) и да се однесува на прашање за кое е надлежен да одлучува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје.

Претседателот на советот по добивањето на предлогот за граѓанска иницијатива во рок од три дена ќе испита дали предлогот е поднесен од овластен предлагач и дали се однесува за прашања за кои е надлежен да одлучува советот. Кога претседателот на советот ќе утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата ќе го стави на дневен ред на првата наредната седница на советот, но не подоцна од 15 дена од денот на утврдувањето на неуредноста на иницијативата.  Доколку иницијативата е уредна советот со заклучок ќе утврди дека е уредна.

Претседателот на советот го известува овластениот предлагач за заклучокот на советот во рок од три дена од денот на неговото донесување.

Предлагачот е должен граѓанската иницијатива на локално ниво за која е поднесен предлогот да ја спроведе во рок од еден месец од денот на добивањето на известувањето за нејзината уредност. Граѓанската иницијатива на локално ниво се смета за покрената ако најмалку 10% од граѓаните запишани во изводот од Избирачкиот список за општината, градот Скопје и општините во градот Скопје со свои потписи ја поддржале иницијативата.

После собирањето на потписите овластениот претставник на предлагачот, образецот со потписите на граѓаните за предлогот за кој е покрената иницијатива на локално ниво го предава на претседателот на советот, во рок од три дена од денот на завршувањето со давањето на потписите.

Советот е должен да одлучува во рок од 30 дена по приемот на предлогот .Советот за одлуката по предлогот ги информира граѓаните преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот.