Презентирани податоците од проектот за транспарентност и отчетност на институциите од ЈИПР

Здружението на граѓани Центар за истражување и анализи „НОВУС“ од Струмица го реализираше проектот „Прибирање и обработка на информации од јавен карактер, како основа за транспаретност и отчетност на институциите од Југоисточниот плански регион, преку кои  ќе се креираат истражувачки медиумски содржини со цел  зголемување на информираноста на граѓаните“.

Во изминативе шест месеци проектниот тим на „НОВУС“ работеше на прибирање на податоци од јавен карактер, а завршниот настан се одржа вчера (30 ноември) во Домот на АРМ. Пред присутните претставници на граѓанските организации, медиумите и претставници на општините од југоисточниот регион, собраните податоци ги презентираше координаторот на проектот, Ристо Тасев.

Дел од дискусиите на присутните беа насочени во правец на понатамошно јакнење на транспарентноста и отчетноста на општините и институциите во регионот, а конкретно беше побарано доследно почитување на законот за слободен пристап до информаици од јавен карактер, но и негово дополнување и изменување, бидејќи тој е донесен во 2006 година и потребно е негово прилагодување на актуелните состојби во оваа сфера. Беше исто така побарано општините да ја зголемат транспаретноста пред граѓните со објавување на конкретни информации, но и понатамошно обучување на лицата кои се задолжени за доставување информации од јавен карактер од сите институции.

Од страна на Здружението „НОВУС“ беше иницирано здружено делување на НВО организациите и медиумите од Југоисточниот регион во насока на заеднички пристап кон мобилизирање на што поголем број на граѓани да се поттикнат да бидат коректив на властите и активно да влијаат врз работата на локалните и државните институции на отчетноста и јавните информации. За таа цел ќе бдие подготвна декларација, со чие потпишување ќе се иницира создавање мрежа на граѓански организации и медиуми.

Целта на проектот беше анализа, oбработка, прибирање и ефективна примена на информациите од јавен карактер поврзани со економија и финансии, квалитет на живот, здравство и животна средина како основа за отчетност и транспарентност на институциите во насока на подобрување и остварување на правата на граѓаните, креирање истражувачки стории и зголемување на степеност на информирање на јавноста.

Инаку, оваа активност се реализираше преку проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи”, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации, НВО Инфоцентар и БИРН Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија.