Сектор за Развој на Заедницата
Ден на Оддржување: 14.06.2024
Пост-изборен форум и презентација на резултатите од платформата „Изборен Навигатор“

Пред два дена Центарот за истражување и анализа НОВУС организираше еднодневен Пост-изборен форум, на кој беа презентирани резултатите од платформата www.izborennavigator.mk.
До изборниот молк за првиот круг од претседателските избори, прашалникот на платформата го пополнија 8.690 испитаници од сите осум плански региони. До почетокот на изборниот молк за вториот круг, се приклучија уште 2.223 граѓани, што го зголеми вкупниот број на корисници на 10.913. Во текот на парламентарните избори, платформата ја искористија дополнителни 10.916 испитаници, кои преку неа ја утврдија својата политичка блискост со понудените партии. Овие бројки претставуваат јасен показател за зголемената заинтересираност на граѓаните за информирано и одговорно учество во изборниот процес.
Форумот обедини теренски работници од партнерските организации — Станица ПЕТ, Center for Intercultural Dialogue (CID) и Center for Education and Development (CED) — како и претставници од медиумите, Државната изборна комисија (ДИК), Општинските изборни комисии (ОИК) и други релевантни чинители. Ова овозможи сеопфатна анализа на текот на изборниот процес, пристапите во информирањето на граѓаните, како и предизвиците и добрите практики од терен.
Како резултат на дискусијата, беа изведени конкретни препораки за унапредување на идните изборни активности, со фокус на:
- Подобрување на кампањите насочени кон младите гласачи;
- Јакнење на транспарентноста и достапноста на изборниот процес;
- Унапредување на функционалноста и досегот на платформата izborennavigator.mk за локалните избори во 2025 година.
Форумот ја потврди важноста на иновативни дигитални алатки и граѓанскиот ангажман во градењето на одржливи и демократски изборни процеси во Република Северна Македонија.





