Сектор за Развој на Заедницата

Краен Рок за Пријавување: 15.12.2026

ЈАВЕН ПОВИК ЗА АНГАЖМАН НА ВОЛОНТЕРИ

Центарот за истражување и анализи НОВУС објавува јавен повик за вклучување волонтери во рамките на проектот „CARE HUB – Центар за благосостојба и грижа“. Проектот има за цел да ја унапреди благосостојбата, информираноста, солидарноста и активното учество на граѓаните во локалните заедници.

Проектот предвидува реализација на мобилни активности во 10 општини во Југоисточниот плански регион, насочени кон промоција на менталната благосостојба, менструалното и репродуктивното здравје, личната грижа и хигиена, поддршката за жени и родители, екологијата, повторната употреба и солидарноста.

 Предмет на ангажман

Со овој повик се повикуваат заинтересирани лица да се приклучат на волонтерската мрежа и да придонесат во подготовката, организацијата и реализацијата на активностите во рамките на проектот „CARE HUB – Центар за благосостојба и грижа“.

Волонтерите ќе бидат вклучени во активностите на CARE HUB во локалните заедници, во координација со проектниот тим на НОВУС.

 Опфат на ангажманот

Во зависност од видот на активноста и потребите на проектот, волонтерите ќе учествуваат во:

  • Поддршка при подготовка, организација и логистика на мобилните CARE HUB настани;
  • Помош при реализација на едукативни, интерактивни и креативни работилници;
  • Поддршка при организација и спроведување на активностите за размена на облека, книги, играчки и други употребливи предмети во рамки на CARE Exchange;
  • Учество во волонтерски и еколошки акции насочени кон подобрување на локалната заедница и животната средина;
  • Информирање и насочување на граѓаните и учесниците во проектните активности;
  • Соработка со другите волонтери и проектниот тим при реализација на предвидените активности;
  • Предлагање и поддршка на локални волонтерски иницијативи во своите заедници.

Избраните волонтери ќе имаат можност да учествуваат во обуки за организација на настани, комуникација и лидерство, волонтерство и активно граѓанство, како и работа со различни и ранливи целни групи. Преку практичниот ангажман ќе можат да стекнат искуство, да развијат вештини за тимска работа и да придонесат за позитивни промени во својата заедница.

Што добиваат волонтерите?

Можност за практично искуство во организација на настани и локални иницијативи, развивање комуникациски и организациски вештини, учество во обуки и поврзување со други активни граѓани од регионот.

 Времетраење и локација

Проектот ќе се реализира во периодот 02.11.2026 – 31.10.2027 година.

Активностите ќе се спроведуваат во 10 општини во Југоисточниот плански регион. Распоредот на обуките, мобилните CARE HUB настани и локалните активности, како и очекуваниот обем на учество, ќе им бидат навремено соопштени на избраните волонтери.

Критериуми за избор

При изборот на кандидатите ќе се земат предвид следните критериуми:

  • Мотивираност за волонтерско учество и придонес кон локалната заедница;
  • Добри комуникациски вештини и способност за работа со различни целни групи;
  • Одговорност, посветеност и подготвеност за тимска работа;
  • Интерес за теми поврзани со благосостојба, здравје, екологија, солидарност и активно граѓанство;
  • Подготвеност за учество во проектните активности согласно однапред утврдениот распоред.

Претходното волонтерско искуство не е задолжителен услов за пријавување.

Начин на пријавување

Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување на онлајн-формуларот:

CARE HUB – Центар за благосостојба и грижа | Пријава за волонтери   

Рок за пријавување

Крајниот рок за доставување на пријавите е 15.12.2026.

Избор

Изборот ќе го спроведе проектниот тим на Центарот за истражување и анализи НОВУС, врз основа на наведените критериуми, искажаната мотивација и подготвеноста за активно учество. При изборот ќе се води сметка и за потребите од волонтерска поддршка во општините каде што ќе се реализираат активностите.

Избраните кандидати ќе бидат контактирани со информации за следните чекори, обуките и начинот на вклучување во волонтерската мрежа на CARE HUB.

Грижа за себе.

Грижа за другите.

Грижа за заедницата.

„Реализацијата на проектот е овозможена преку донација од dm drogerie markt.“

Аплицирај
en_US