Сектор за Млади

Ден на Оддржување: 26.09.2025

Тридневна обука за зајакнување на демократијата и изборниот процес во Република Северна Македонија

Во Младинскиот центар на Општина Струмица се одржа тридневната обука „Изборен Навигатор за зајакнување на демократијата и изборниот процес во Република Северна Македонија“, во организација на Центар за истражување и анализи НОВУС.

Обукава беше наменета за млади од сите осум плански региони во земјата и имаше цел да ја зајакне нивната улога во демократските процеси и локалните избори што следуваат во 2025 година.

Програмата се реализираше преку интерактивни сесии и практични вежби на теми како:

  • политичка моќ, општествена поларизација и современа демократија,
  • улогата на независните набљудувачи и фер изборни процеси,
  • застапување, лобирање и јавен настап,
  • политичка комуникација, пропаганда и граѓански активизам.

Обуката ја водеше Сашо Орданоски, експерт со долгогодишно искуство во областа на политиката, медиумите и демократијата, кој преку своето менторство и практични примери ги насочи младите учесници кон активно граѓанско учество и критичко размислување.

👉 Првиот ден учесниците имаа можност да се запознаат меѓусебно, да се воведат во програмата и да ја следат интерактивната сесија на тема „Политиката, политичката моќ, општествената поларизација и современата демократија“.

👉 Вториот ден фокусот беше ставен на локалните избори и подготовките за 2025 година, како и улогата на независните набљудувачи во обезбедувањето фер и транспарентен изборен процес. Под водство на Орданоски, младите работеа на развој на застапнички и лобистички вештини, а денот заврши со практична сесија за јавен настап.

👉 Третиот ден беше посветен на ефективната политичка комуникација, предизвиците на пропагандата и граѓанскиот активизам. Учесниците дискутираа и преку завршна дебата ги сумираа резултатите од обуката. Посебен акцент беше ставен и на практичното тестирање на новата алатка www.izborennavigator.mk, која претставува значаен ресурс за младите во насока на информираност и активно учество во изборните процеси.

На завршниот ден учесниците добија сертификати за успешно завршување на обуката, како признание за нивната енергија, посветеност и желба за активно градење на демократско општество.

„Изборен навигатор за зајакнување на демократијата и изборниот процес во РСМ“ е проект што го спроведува Центар за истражување и анализи НОВУС, како субгрант во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”, финансиран од Европската Унија.

en_US