Сектор за Развој на Заедницата
Ден на Оддржување: 08.05.2026
ОДРЖАН LEARNING LAB ВО ШТИП: УНАПРЕДУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ УСЛУГИ ПРЕКУ СОРАБОТКА И ДИЈАЛОГ
Во рамки на платформата за заедничко учење и соработка, успешно ја реализиравме Learning Lab сесијата и во Штип на тема: „Социјални услуги и локални заедници: од пристап до квалитетна поддршка“ во рамки на проектот RAISE CSO’s во партнерство со Youth Alliance и Public.
Настанот започна со вовед во контекстот на мрежата и значењето на пристапните и квалитетни социјални услуги за локалните заедници, по што следеше динамична дискусија за состојбата на терен за достапноста на услугите, предизвиците со кои се соочуваат ранливите групи и улогата на институциите и граѓанскиот сектор.
Во продолжение, заеднички ги идентификувавме клучните празнини во системот, дискутиравме за функционалните механизми за поддршка и разгледавме начини за подобро поврзување на локалните и националните структури.
На сесијата се посветивме на креирање практични и реално остварливи решенија, како и на зајакнување на Learning Lab мрежата преку поширока соработка и активно вклучување на засегнатите страни. Заклучоците и препораките од дискусијата ќе бидат искористени за понатамошно унапредување на активностите и подготовка на следните Learning Lab средби. Благодарност до сите учесници за активното учество, отворената дискусија и придонесот кон подобрување на пристапот до квалитетни социјални услуги во заедницата.















