Nov
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
е-ПРОФМАН започнува со запишување на студенти
Онлајн програмата за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации – е-ПРОФМАН започна со запишување на студенти. Во рамките на едногодишната програма, млади професионалци и студенти можат да усовршат менаџерски, лидерски и комуникациски вештини потребни за конкурентното бизнис опкружување.
е-ПРОФМАН е заедничка програма на виртуелниот кампус кој го сочинуваат трите високообразовни институции: Високата школа за новинарство и за односи со јавноста (Македонија), Факултетот за бизнис и применети студии ДОБА (Словенија) и Универзитетот Истанбул (Турција).
Програмата се состои од пет онлајн курсеви – три задолжителни и два изборни, и од два настана – студентски камп и завршен семинар, кои ќе се реализираат од јануари 2017 до јануари 2018 година. Преку решавање проблеми, работа на проекти фокусирани на клиенти и со менторство од предавачите, учесниците ќе стекнат вештини кои ќе можат веднаш да ги применат во професионалното работење. Онлајн учењето ќе биде овозможено со користење бројни онлајн ресурси, вебинари во живо и виртуелна училница. Преку овие алатки, виртуелниот кампус ќе нуди постојана поддршка и ќе ја олесни индивидуалната и тимската работа на учесниците од различни држави.
е-ПРОФМАН е финансирана од Програмата Еразмус+ на Европската Унија и дава целосни стипендии за најдобрите 60 кандидати. На овој начин, програмата им овозможува на млади луѓе до 35 години да се оспособат преку учење од меѓународни предавачи со долгогодишно професионално искуство.
Програмата се реализира на англиски јазик и по нејзиното завршување, учесниците ќе добијат заеднички сертификат од трите високообразовни институции со 60 ЕКТС.
Уписот на студенти трае до 25 ноември. Пријавувањето е онлајн на следнава ПРИЈАВА.
Заинтересираните може да добијат повеќе информации за програмата е-ПРОФМАН на www.e-profman.eu, info@e-profman.eu и на социјалните медиуми Фејсбук, ЛинкедИн и Твитер.