Mar
Здружение на граѓани Центар за истражувањa и анализи НОВУС од Струмица во партнерство со Фондацијата за развој на образование и култура Албиз од Скопје, Здружението Мултикултура од Тетово и Здружение Центар за одржлив развој на заедницата (CSCD) од Дебар, започнаа со спроведување на проектот „Платформа за инвестиции во заедницата“.
Главната цел на овој проект е унапредување на капацитетот на локалните граѓански организации за градење меѓусекторски иницијативи кои имаат за цел социо-економски развој на заедниците во земјата.
Целта на платформата е да создаде општество со одржлив граѓански сектор и општествено одговорни компании каде граѓанските организации и деловниот сектор, преку однос на доверба и меѓусебна соработка и на иновативен начин ќе носат позитивни општествени промени во нашата држава.
Проектот и неговите активности ќе се осврнат на основниот недостаток што го ограничува основниот развој на заедницата во земјата – отсуство на доверба меѓу секторите и управување со квалитетот. Граѓанските организации ќе бидат обучени и вмрежени, меѓу себе како и со деловниот и јавниот сектор за тоа како да развиваат, финансираат и спроведуваат проекти во заедницата.
Оваа недела, партнерите на проектот го имаа почетниот состанок на кој се дискутираше за претстојните активности во рамките на проектот Платформа за инвестиции во заедницата.
Овој проект е финансиран од ЕУ во рамките на ИПА програмата за граѓанско општество и програма за медиуми 2018-2019.