May
Во Струмица се одржа јавна трибина на тема „Граѓански иницијативи за образование за клима и енергетска ефикасност“, наменета за идните средношколци кои може оваа програма да ја изучуваат во СОУ „Никола Карев“ како едно од петте пилот училишта во кои ќе се имплементира проектот во Македонија.
Во Република Македонија се јавува недостаток на квалификувана работна сила со која би се реализирале стандардите за енергетска ефикасност пропишани во правилникот за енергетски карактеристики на зградите и се јавува како предуслов за успешно имплементирање на Европската директива за енергетска ефикасност, велат експертите.
– Од една страна, додека градежниот сектор е во експанзија, интересот на учениците за средните стручни училишта е низок, а од друга страна, висок процент на матурантите од стручните училишта се запишуваат на факултет. Се зголемува бројот на високоплатени дефицитарни професии. Со тоа секоја година се зголемува јазот помеѓу побарувачката и понудата на квалификуван кадар. Програмата е начин да се поттикнат учениците да стекнат знаење од областа на енергетеската ефикасност, како многу атрактивна професија за која нема лиценцирани и обучени кадри, вели експертот Антонио Јовановски.
Наставниците од средното стручно училиште СОУ Никола Карев –Струмица (Марија Мучева, Елена Симевска и Зоран Петков ) од трите струки: електротехничка градежно-геодетска, машинска и струка заедно со конслултанти експерти ја изработиле програмата за слобони часови по енергетска ефикасност.
– Наставата за слободни часови ги покрива основните поими за енергетска ефикасност преку теми релевантни за секоја струка, со посебен фокус на практичниот дел. Средношколците ќе може од трета година да ја изберат оваа програма, која во четврта година е дел од факултативната настава за енергетска ефикасност, вели Јовановски.
Според него, во координација и комуникација со Центарот за стручно образование и обука, доколку програмата се покаже како успешна и има доволно заинтересирани ученици, ќе биде воведена и во останатите 42 средни стручни училишта на ниво на Македонија.
Од септември програмата за енергетска ефикасност ќе се спроведува во средните стручни училишта во Струмица, Скопје, Прилеп, Битола и во Гостивар.
Јавната трибина ја организираa ЕД Планетум и ЗГ Новус- Струмица, како дел од проектот „Граѓански иницијативи за образование за клима и енергетска ефикасност“, финансиран од Европската унија, а во реализација на Здружението „Гоу Грин“ Скопје.
1 Comment
Comments are closed.
Трибина „Граѓански иницијативи за образование за клима и енергетска ефикасност“ во Струмица | StrumicaCity